Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте ја Анка Трајковска Петкоска
Награда за Едукатор во технологија на годината
проф. Анка Трајковска Петкоска
Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на Анка Трајковска Петкоска, добитничка на наградата „Едукатор во технологија на годината (Tech Educator of the Year) “. Таа споделува искуства, предизвици и размислувања за иднината на технологијата и заедницата.
Што значи ова признание за Вас?
Најпрвин голема благодарност до организаторот за довербата. Оваа награда ми значи многу, исто како и претходните признанија што сум ги добила во рамки на мојот Универзитет и пошироко. Тоа е воедно и потврда дека посветената работа, континуираното учење и вложената енергија во области од глобален интерес – секогаш носат резултати. Ја работам професијата што неизмерно ја сакам како професор, но и како инженер-технолог.
Најголема мотивација ми е можноста да пренесувам не само знаење, туку и практични искуства, истражувања и нови технологии на помладите генерации. Токму затоа и денес се чувствувам како ученик – секојдневно учам, истражувам и се стремам да бидам подобра верзија од себеси. Затоа, ова признание за мене е и порака до младите луѓе, особено до жените во науката и технологијата, дека со упорност, љубопитност и посветеност можат да создадат значајни промени и да бидат препознаени за својот труд.
Како што Џ. Салк рекол: ,,Наградата за добро завршена работа е можност да се сработи уште повеќе“. Јас впрочем така го разбирам и животот и успехот – како патување, а не дестинација.
Предизвици и мотивација
Во текот на мојот образовен пат имав многу воспитувачи, учители, наставници и професори, но и прекрасни родители. Од сите нив научив многу, бидејќи тие веруваа во мене, за што најискрено сум им благодарна. Многумина не можат да видат колку се брилијантни или кои вредности ги поседуваат, бидејќи немале можности да бидат покрај драгоцени наставници кои верувале во нив, но ете, јас ја имав таа можност.
Но, уште повеќе научив откако ги завршив студиите, и тоа од моите студенти, соработници и претпоставените, кога наидов на предизвикот да го аплицирам моето знаење во пракса било во академските или индустриските институции. Благодарна сум пред се на оние повозрасните: инженери, професории истакнати професионалци во праксата и бизнисот, кои ми помогнаа професионално да се надградувам и да не останам само во рамките на теоретското знаење.
Предизвикот секогаш го прифаќам како цел, а не како пречка. Секој обид било да е успешен или неуспешен е победа или добро научена лекција што не доближува до сопствениот успех.
Иако е предизвик да се биде истовремено професор, научник, и инженер, резултатите од академската професија, но и од научната дејност се непроценливи: создавање млад кадар што ќе придонесува за подобро утре, што ќе одговори на глобалните предизвици и ќе оставите подобар свет зад себе.
Најдобра награда во животот е шансата да работите на нешто што го сакате и е вредно за работа. Соработките помеѓу академијата и индустријата, посебно ја издвојувавам и треба да зазема посебно место во нашата земја. Јас негувам и спроведувам вакви соработки, но, би сакала тие да бидат почести. Тоа е патот за наша поголема видливост и почит во меѓународните односи.
Иновација и придонес
Постојат многу успешни стории на кои сум горда и кога би погледнала наназад во животот не знам која да ја одберам. Постојат успешни приказни на наши студенти кои во текот на едукацијата и со мое менторство успеале и постигнале лични цели, титули и продолжиле да се надоградуваат. Едноставно верувам во вредните студенти и им ја давам целата моја неизмерна поддршка. Секако, покрај моја, тие се и наша гордост.
Горда сум и на моите лични истражувања што ги работам самостојно и тимски, кои се насочени кон подобрување на човековото и планетарното здравје. Ќе ја споменам мојата последната иновација која вроди во патент издаден во САД – заштита на човекот (кожата) од синото загадување (blue light pollution) со помош на природен третман од растително потекло. За оваа иновација, веќе го докажавме ефектот на заштитна улога за човекот, сепак реализацијата на овој патент/иновација оди споро, иако сакам и желба ми е тоа да остане тука во земјата и да бидеме сите горди на прозивод ,,Made in Macedonia”. Лично, не ми е најважно индивидуалното признание, туку создавањето услови државата повеќе да вложува во младите, науката и научноистражувачката работа. Верувам дека токму таму лежи долгорочниот развој и напредок на едно општество.
Токму ваквите истражувања и досегашни резултати ми отворија можности за бројни меѓународни соработки со научници и професори од целиот свет. Досега имам остварено соработки на сите континенти – во САД, Европа, Азија, Австралија и Африка. Особено ми е драга поканата од Кореа Универзитетот во Сеул, Република Кореја, да станам дел од нивниот професорски кадар. Со голема чест ја прифатив таа можност и денес сум надворешен професор на овој престижен универзитет. Се надевам дека ова поврзување ќе прерасне во уште поплодни научни соработки и ќе придонесе за зближување и поврзување на нашите универзитети.
Tech Екосистем и заедница
Она што можам да го кажам по овој основ е тоа што јас сум реален пример кој се школувал во земјата, отишол надвор од земјата за до-образување, и се вратил повторно во земјата да работи, да твори и да го десименира знаењето тука. Имено, завршив докторски студии на Универизтетот во Рочестер, Рочестер (Њујорк, САД) и се вратив во земјата, бидејќи цврсто верував и сеуште верувам дека Македонија е прекрасно место за живеење.
Она што треба да го направиме во моментот е да веруваме во младите луѓе, да им дадеме можности и шанси за добро образование дома, а потоа да им отстапиме и простор и време за нивно докажување, вработување и творење. Не треба да ги губиме младите со нивното заминување по завршување на средното или високото образование, со одлевање на нивното знаење и компетенции во странство заради подобри услови, бидејќи токму кадарот е оној ресурс што не се создава преку ноќ. Влогот во младите е на долги патеки, тоа е и влог во нашата иднина. Тоа е всушност и наша улога, па природно, тука е и мојата улога – што поверодостојно ја пренесувам мојата инцијатива и визија кон помладите, да учат и читаат секојдневно, да го работат она што го сакаат. Во ред е и да отидат во странство на дошколување или обуки, но, добро би било да се вратaт во земјата со додадена вредност. Посакувам да работиме или соработуваме заедно со тие кадри. Нема поголема гордост на учителот кој соработува со своите ученици и студенти, и така, еден ден да стане ученик на својот ученик.
Затоа, препорачувам посебно на помладите генерации, да го живеат својот сон овде во земјата, верувајќи во нас и во нашите институции. Само заеднички со нив – помладите можеме да изградиме подобра иднина, како што некогаш и Рузвелт истакнал: Не можеме секогаш да изградиме иднина за младите, но секогаш можеме да ги вградиме младите во нашата иднина.
Поглед кон иднината
Тешко прашање. Не сум личност што често зборува за сопствените успеси, но верувам дека по неколку години би била најгорда доколку денешните истражувања, одлуки и вложувања остават вистинска трага и создадат вредност што ќе биде корисна за пошироката заедница. Дел од тоа веќе почнува да се реализира.
Ќе се навратам не еден успех поврзан и со мојата општествена улога – како дел од тимот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола. Пред 3 години во земјата го поканив проф. д-р Дан Шехтман од Израел, добитник на Нобелова награда за хемија (2011 год). На моја иницијатива, д-р Шехтман дојде во земјата и беше претставен пред неколку државни институции како што се УКИМ, МАНУ, УКЛО. Одржа предавањa на повеќе места во државата, со што се овозможи да го слушнат многу луѓе, пред сè младите генерации. Тоа ме направи горда, дека на некој начин овозможив неговата мисија и вербата во младите генерации да бидат слушнати и од него лично, но и неговиот повик и поддршка да создаваат и творат во својата матична земја. Тоа ќе нè направи вредни за почит и видливи на меѓународната мапа, како вложуваме во младите. Понатаму, чинот на кој што сум уште посреќна е што Ректорот и неговиот тим, на мојот УКЛО, ја препознаа вредноста на овој престој на нобеловецот во земјата и покренаа иницијатива за доделување почесна титула на проф. д-р на Дан Шехтман на нашиот Универзитет. Со тоа станавме прв Универзитет во земјата кој направил вакво нешто, во својот тим на академски кадар да имаме и нобеловец. Сите треба да бидеме горди на ова, без разлика на која aкадемска институција и припаѓаме.
На крај ќе завршам со мотото на Универзитетот во Рочестер каде што и докторирав: Meliora или Секогаш може и подбро. (latin: Ever Better):
Искрено се надевам дека во иднина ќе ги препознаваме и вреднуваме вистинските квалитети тука во земјата, ќе се насочиме кон развој во области што и се потребни на државата, во согласност со нашите ресурси, потреби и приоритети. Сакам нашите вредности дa останат во земјата, да бидат гордост на Македонија, а тука пред се мислам на човечкиот потенцијал, на младите, кои треба да се нашата идна движечка сила.
Навистина недостигаат многу работи во земјата во поглед на научноистражувачките капацитети и современата опрема, но сметам дека понекогаш треба повеќе да се фокусираме и на она што веќе го поседуваме, правилно да ги препознаеме сопствените потенцијали, да знаеме вистински да ги искористиме ресурсите и преку соработка да изнаоѓаме соодветни решенија. Верувам дека токму влогот во знаењето, образованието и научноистражувачката работа се едни од најважните темели за напредокот на едно општество. Поддршката од тимот, матичната институција и сопствената земја секогаш има особено значење – не само за препознавање на успесите, туку и за заедничко издигнување и афирмација во пошироки меѓународни рамки. Тука се и нашите значајни индустриски капацитети, меѓу кои има компании што сериозно вложуваат во научноистражувачка работа и се препознаени на светско ниво. Со дел од нив имам и лична соработка, и искрено верувам дека поседуваат висок интелектуален и професионален потенцијал што може да биде од големо значење и за академијата и за развојот на државата во целина.
Порака до младите:
Моја препорака до младите е да веруваат во себе и да бидат храбри во донесувањето на одлуките, бидејќи храброста не е отсуството на страв, туку победа, способност да се надмине стравот. Тешкотии се појавуваат и се неизбежни, но токму тие нè прават посилни, поиздржливи и уште помотивирани да истраеме во остварувањето на нашите цели.
Цврсто верувам дека може да направиме добра перспектива за младите овде во Македонија, со понуда од добри и компетитивни образовни програми, вработувања и почит кон нив, тоа мора да постои. Младите треба да ги поттикнуваме на мотивација за постојаното учење, наобразба и стремеж кон повеќе вештини и компетенции, бидејќи, знаењето е богатство кое може да го поседуваме неограничено без да стравуваме дека ќе бидиме ограбени. Секој кој престанал да учи е стар, сеедно дали е 20 или 80 години. Оној кој постојано учи останува млад. (Henry Ford: Anyone who stops learning is old, whether at twenty or eighty. Anyone who keeps learning stays young).