Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте ја Моника Јошевска
Жена лидер на годината
Моника Јошевска
COO во Sopro
Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на Моника Јошевска, добитничка на наградата „Жена лидер на годината (Woman Leader of the Year)“.
Моника Јошевска е COO во Sopro и е дел од компанијата од самиот почеток развивајќи ја од стартап до глобален тим од над 200 луѓе. Нејзиниот пат е воден од континуирана работа, дисциплина и пасија за градење тимови, системи и бизниси што растат одржливо преку креирање култура во која луѓето се чувствуваат поддржани да растат, да преземаат одговорност и да го дадат најдоброто од себе. Активно придонесува во бизнис заедницата преку управни улоги и менторство, верувајќи дека успехот доаѓа кога се вложуваме целосно – со труд, интегритет и срце.
Што значи ова признание за Вас?
Она што го прави ова признание значајно за мене е тоа што доаѓа од номинација на колега, некој со кого работам секојдневно и веројатно ме има видено и во најдобро светло и во оние потешки моменти што се дел од приказната на секој лидер.
Оваа награда не е само за мене како поединец. Таа е за културата што ја градиме заедно со тимот, онаа во која луѓето вложуваат едни во други, каде довербата се заработува преку доследност, а успехот е заеднички.
Предизвици и мотивација
Најтешкиот предизвик не беше еден конкретен момент, туку постојано да останам доследна на своите вредности, дури и кога тоа не е најлесниот пат.
Во динамична средина често се носат тешки одлуки и се работи под притисок. Со време сфатив дека не е само важно дали ќе успееш и ќе ја направиш правата одлука, туку како ќе го сториш истото. Дали ќе останеш фер, доследен на себе, искрен и ќе се однесуваш со почит кон луѓето со кои што соработуваш.
Верувам дека може да се биде лидер кој е одлучен кога треба, но и човечен во начинот на кој пристапува.
Иновација и придонес
Иако средината во која работам е тесно поврзана со технологија, AI, организациски структури и оперативна скалабилност, „проектот“ на кој сум најгорда е градењето на нови генерации лидери кои имаат цел да создадат подобро утре. Луѓе кои пораснаа во лидери вклучувајќи такви кои денес водат глобални тимови, управуваат со клиенти и носат важни одлуки.
Имав привилегија да бидам дел од приказната на Сопро од самиот почеток која започна како идеја и израсна во глобален бизнис. И низ секоја фаза на тој раст, најважното нешто во кое можев да вложувам беа луѓето – не само нивните вештини, туку нивната самодоверба, нивната проценка и се што е потребно да преземаат одговорност и да станат најдобра верзија од себе.
Ова е двонасочен процес. Секој човек што сум го менторирала исто така ми помагнал да растам и да станам подобра верзија од себе- потрпелива, попрецизна во комуникацијата, поотворена, подобра личност пред се. И можеби навистина имав среќа да работам со исклучително талентирани и посветени луѓе.
Tech Екосистем и заедница
Кај нас има исклучителен талент, знаење и потенцијал, но често недостасува повеќе насока и поддршка, особено во раните фази од професионалниот развојот. Не секој има пристап до менторство или средина што ќе го охрабри да расте и да се обиде со повеќе самодоверба. Понекогаш недостасува и вербата дека од тука може да се изградат успешни приказни на глобално ниво. Верувам дека тука сите ние што сме веќе во индустријата имаме улога ,да бидеме подостапни, да споделуваме искуство и да отвориме повеќе можности за другите.
Поглед кон иднината
Ако за 5 години погледнам наназад, би сакала да бидам горда на одлуките каде што сум избрала да вложам во луѓе, дури и кога тоа бара повеќе време, трпение и храброст. За мене, добрите одлуки се темелат на вредности и на долгорочна перспектива. Краткорочни решенија кои само моментално изгледаат добро, најчесто не се вистинските.
Ако нема јасна логика и луѓето не можат да разберат зошто се носи една одлука, тогаш веројатно не е доволно добро промислена. Одлуките бараат време, факти и јасна визија. Се надевам дека одлуките што ги носиме денес, како тим, ќе се препознаваат по интегритет.
Порака до младите:
Верувам дека дисциплината и напорната работа се основата на секој успех, да дадеш сè од себе, и уште малку повеќе 😊, особено кога не е лесно. Во исто време, многу е важно да најдете луѓе од кои ќе учите. Менторите не се секогаш формални, тие се околу вас, во тимот, во колегите, меѓу пријателите. Секој може да ве научи нешто ако сте отворени да слушате. Сметам дека сум производ на великодушноста на сите они со кои имам соработувано, луѓе кои ми го дале своето време, инвестирале во мене и верувале во мене. Затоа чувствувам одговорност тоа да го вратам на сите околу мене.