Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте ја Верица Јорданова
Медиумско влијание во Women in Tech (Women in Tech Media Impact)
Верица Јорданова
Основач и уредник на порталот „Иновативност“
Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на Верица Јорданова, добитничка на наградата „Медиумско влијание во Women in Tech (Women in Tech Media Impact)”. Како основач и уредник на порталот „Иновативност“, таа повеќе од една деценија посветено ги раскажува приказните на македонските иноватори, стартапи и претприемачи, придонесувајќи за развојот и видливоста на домашниот технолошки екосистем.
Што значи ова признание за Вас?
Лично не сум голем љубител на награди, бидејќи верувам дека резултатите се најголемото признание за нашата работа. Сепак, оваа награда ја прифатив со голема радост, затоа што конечно се вреднува придонесот на луѓето кои работат во областа на дигиталните технологии, иновациите и претприемништвото, сфери кои треба да бидат приоритет за секое современо општество.
Се надевам дека ова признание ќе инспирира повеќе млади луѓе, особено девојки и жени, да ги искористат своите знаења и способности и активно да се вклучат во дигиталниот свет. Верувам дека токму тоа е мисијата што сите ние, добитници на овие награди, треба да ја пренесуваме понатаму.
Предизвици и мотивација
Веќе една деценија секојдневно и посветено работам на промоција на иновациите, технологијата и претприемништвото како начин на размислување што треба да стане дел од нашето општество.
Кога започнав, стартап сцената во Македонија беше во своите почетоци. Денес гледаме компании што привлекуваат значајни инвестиции, освојуваат странски пазари и создаваат реален импакт. Во изминатите години, приказните објавени на „Иновативност“ за успешните македонски претприемачи и иноватори придонесоа тие успеси да станат повидливи.
Најголема мотивација ми беа токму позитивните реакции од луѓето чии приказни ги раскажувавме. Тоа беше потврда дека вреди да продолжам со мисијата „Иновативност“ да биде медиумот кој прв ќе ги раскажува приказните за македонските иновации, успешни претприемачи и нови идеи.
Иновација и придонес
Тешко е да издвојам само една приказна, бидејќи во изминатите десет години тоа се илјадници интервјуа, текстови и успешни примери. Она што најмногу ме радува е позитивниот feedback што го добиваме од читателите и од луѓето за кои пишуваме. Особено ми значи што многу од нашите објави резултираат со нови контакти, соработки и можности за претприемачите и иноваторите.
Верувам дека нашиот најголем придонес е тоа што помогнавме иновациите, стартапите и претприемништвото да го добијат заслуженото место во медиумскиот простор во Македонија.
Tech Екосистем и заедница
На македонскиот tech екосистем му недостигаат многу работи, од современа законска регулатива што ќе ги следи новите начини на водење бизнис, до поголема дигитализација на јавните услуги и реформи во образовниот систем.
Потребни се повеќе иницијативи што уште од најрана возраст ќе ги поттикнуваат младите да се интересираат за технологија, иновации и претприемништво. Исто така, неопходни се повеќе инкубатори, акцелератори и технолошки хабови каде младите ќе можат да ги развиваат своите идеи со поддршка од експерти и ментори.
Само со силен, динамичен и поврзан екосистем ќе успееме да ги задржиме младите таленти и да создадеме нова генерација успешни иноватори.
Поглед кон иднината
Ако за пет години погледнам наназад, најгорда би била на одлуката што го започнав и успеав да го одржам порталот „Иновативност“, и покрај сите предизвици со кои секојдневно се соочувавме.
Порака до младите:
Сонувајте, истражувајте и создавајте смели идеи. Не чекајте некој друг да ги реализира вашите визии, преземете го ризикот, преземете ја одговорноста и создавајте ја иднината што сакате да ја видите.
Токму најхрабрите идеи, поддржани со упорност и работа, имаат потенцијал да донесат вистински промени.