Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте ја Сања Митровска
Извонредност во развој на продукт (Innovation in Product Development)
Сања Митровска
Основач на Networker и креатор на The Founder Games
Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на Сања Митровска, добитничка на наградата „Извонредност во развој на продукт (Innovation in Product Development)”. Како основач на Networker и креатор на The Founder Games, таа работи на создавање глобално релевантни иницијативи што ги поврзуваат стартапите, инвеститорите и претприемачите, отворајќи нови можности за иновации што започнуваат од Македонија.
Што значи ова признание за Вас?
Ова признание за мене значи многу повеќе од лична награда. Го доживувам како момент на видливост за жените кои избрале поинаков пат, во технологијата, иновациите, претприемништвото и бизнисот.
Во The Founder Games секојдневно ја гледаме реалноста: бројот на жени основачки расте, но сè уште е далеку од она што сакаме да го видиме. Токму затоа ја создадовме Liora Women in Business Track – како одговор на реалната потреба повеќе жени да добијат видливост, пристап и охрабрување.
Верувам дека кога ќе почнеме повеќе да ги препознаваме и славиме жените што создаваат, ризикуваат и градат, ќе почнеме да гледаме уште повеќе такви приказни. Ако ова признание охрабри барем една жена да си каже „и јас можам“, тогаш тоа веќе е вистински импакт.
Предизвици и мотивација
Најголемиот предизвик беше да продолжам да верувам во идеја што на почетокот многумина не ја разбираа. Кога го започнавме The Founder Games, концептот на стартап реално шоу кое истовремено функционира и како акселератор звучеше премногу амбициозно за многумина. Често слушав дека тоа не може да се реализира од Македонија или дека идејата е преголема.
Но токму тие сомнежи беа мојата најголема мотивација. Верував дека ако сакаме повеќе претприемачи, повеќе иновации и повеќе храброст кај младите, мораме да создадеме нов начин на инспирација, преку реални приказни, практично искуство и глобална видливост.
Првата голема потврда дојде на Cannes MIPCOM – еден од најголемите светски настани за телевизиски и медиумски формати – каде што видовме дека за нашиот формат постои интерес и од светски медиумски имиња. Подоцна, уште поголема мотивација беше кога Larry Namer, ко-основачот на E! Entertainment, и Tim Crescenti, човек поврзан со меѓународниот успех на Shark Tank, станаа дел од нашата приказна.Тоа ми покажа дека најголемиот предизвик не е само да создадеш идеја, туку доволно долго да веруваш во неа додека и другите не почнат да ја препознаваат.
Иновација и придонес
Проектот на кој сум најгорда е The Founder Games, реално шоу за стартапи што истовремено функционира и како акселератор. Она што започна како формат создаден во нашиот регион, денес прераснува во меѓународна лиценца со потенцијал за ширење на повеќе пазари. Веќе работиме на партнерства за регионот на Заливот и Бразил, а следен чекор е и американскиот пазар.
За мене, најголемата вредност на проектот е што не е само телевизиски формат, туку платформа што им обезбедува видливост, пристап и реална поддршка на стартапи од екосистеми кои честопати остануваат незабележани. Дел од учесниците веќе обезбедија инвестиции, започнаа да генерираат приходи или воспоставија партнерства со инвеститори и компании. Верувам дека вистинската иновација е кога идеја создадена во Македонија може да стане модел што се применува на глобално ниво.
Tech Екосистем и заедница
Верувам дека на македонскиот tech и startup екосистем не му недостига талент, талент има многу. Она што недостига се поголема видливост, подобар пристап до глобални можности и повеќе успешни примери што ќе покажат дека и од мал пазар може да се создадат големи приказни.
Мојата улога ја гледам токму во отворање на тие врати. Преку Networker и The Founder Games работиме на тоа да ги поврземе претприемачите со ментори, инвеститори и меѓународни пазари, создавајќи средина во која добрите идеи можат да прераснат во глобални компании.
Поглед кон иднината
Ако за пет години погледнам наназад, најгорда би била ако денес продолжам да ја бирам храброста наместо комфорот и да градам нешто што изгледа поголемо од мене.
Мојата визија е The Founder Games да стане меѓународна лиценца присутна во десетици региони низ светот, формат со македонско потекло што ќе ја промовира нашата држава и ќе покаже дека иновациите можат да произлезат и од мал пазар.
Уште поважно, сакам платформата да инспирира нови генерации претприемачи, да руши граници и да создава вредност за економиите во развој.
Порака до младите:
Не чекајте да бидете „целосно подготвени“ за да започнете. Најголемиот дел од учењето се случува токму додека создавате, експериментирате и учите од сопствените грешки.
Не дозволувајте големината на пазарот или местото од кое доаѓате да ги ограничат вашите амбиции. Денес, повеќе од кога било, можно е да изградите нешто глобално и од Македонија.
И, можеби најважно, внимателно избирајте ги луѓето со кои го поминувате времето. Тие имаат огромно влијание врз тоа колку големо ќе си дозволите да сонувате. Ако сте најамбициозната личност во собата, можеби е време да влезете во нова.