Become a Member Today. Register Here

Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте ја Ана Секуловска

Најдобра технолошка иницијатива за импакт (Best Tech Initiative for Impact)

Ана Секуловска

Програмски директор во Startup Club Skopje

Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на Ана Секуловска, добитничка на наградата „Најдобра технолошка иницијатива за импакт (Best Tech Initiative for Impact)”. Како програмски директор во Startup Club Skopje, Ана активно работи на развојот на стартап екосистемот, создавајќи можности за младите претприемачи да размислуваат глобално и да ги претворат своите идеи во реалност.

Што значи ова признание за Вас?

Ова признание за мене претставува потврда дека и од мал екосистем како македонскиот можат да произлезат иницијативи со глобален импакт. Но, уште поважно, го доживувам како признание за целата заедница што ја градиме преку Startup Club Skopje и Startup Revolution AI Summit, како и за сите млади луѓе кои се осмелуваат да создаваат, да експериментираат и да размислуваат надвор од локалните граници.

 

Верувам дека ова испраќа силна порака дека жените не треба само да бидат дел од технолошката индустрија, туку и активни креатори на иднината на технологијата, иновациите и заедниците.

Предизвици и мотивација

Најголемиот предизвик беше да се гради нешто големо и амбициозно во средина каде што честопати недостигаат ресурси, поддршка и верба дека младите луѓе можат да создадат меѓународен импакт. Организацијата на регионален настан со повеќе од 1.200 учесници донесе многу моменти на неизвесност, но мотивацијата секогаш доаѓаше од луѓето околу мене, младите основачи, студентите и членовите на заедницата кои покажаа дека постои огромен потенцијал што само чека да биде препознаен.

 

Посебна инспирација ми се мојот тим и луѓето со кои секојдневно работам. Сашо Јовановски, кој со својата визија и храброст беше двигател на реализацијата на еден ваков светски настан во Македонија, како и моите колешки Бисера Лотеска и Андријана Антова, кои секојдневно создаваат нови можности за амбициозни млади девојки. Голема поддршка ми беше и колегата Марио Мијатовиќ, со кого заеднички ја креиравме програмата на настанот и соработувавме со стартапи, инвеститори и говорници од целиот свет.

Иновација и придонес

Дефинитивно најгорда сум на Startup Revolution AI Summit,  платформа и движење чија цел е да ја позиционира Македонија и регионот како место каде што се развива следната генерација AI startup founders. Особено сум горда што преку оваа иницијатива успеавме да ги поврземе локалните таленти со меѓународни основачи, инвеститори и експерти, создавајќи простор каде младите претприемачи добиваат реални можности за раст, вмрежување и глобална видливост.

 

Посебно место во моето професионално патување има и инкубаторската програма „Имам Идеја“, која секоја година создава нова генерација претприемачи и основачи на стартапи за кои верувам дека допрва ќе бидат препознаени на регионалната и светската сцена.

Tech Екосистем и заедница

Верувам дека на македонскиот tech екосистем најмногу му недостига континуирана поддршка за early-stage талентите, не само финансиска, туку и преку менторство, силна заедница и пристап до глобални мрежи.

 

Мојата улога ја гледам токму во создавање мост помеѓу локалниот потенцијал и меѓународните можности. Преку Startup Club Skopje работиме младите луѓе да почувствуваат дека не мора да ја напуштат својата средина за да изградат нешто значајно и конкурентно на глобално ниво.

Поглед кон иднината

Ако за пет години погледнам наназад, најгорда би била што уште од самиот почеток избравме да размислуваме поголемо, да не се ограничуваме на локални рамки, туку да градиме иницијативи со регионален и глобален потенцијал. Понекогаш најважната одлука е едноставно да се осмелите да започнете.

Порака до младите: 

Не чекајте да се почувствувате „доволно подготвени“ за да започнете. Најголемиот дел од учењето се случува токму додека создавате, експериментирате и учите од сопствените грешки.

Исто така, бидете дел од заедница. Луѓето со кои се опкружувате можат целосно да го променат вашиот пат, вашата мотивација и вашата визија за тоа што е возможно.

За крај, верувам дека вистинскиот импакт не се мери само преку бројки, туку преку тоа колку луѓе сте инспирирале да поверуваат дека и тие можат да создадат промена. Оваа награда ја гледам како дополнителна одговорност да продолжиме да градиме екосистем што отвора врати за следната генерација innovators, founders и changemakers.