Become a Member Today. Register Here

Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте ја Бојана Трајковска

Најперспективна жена лидер во технологијата

Бојана Трајковска

Co-Founder & COO @ VITECH

Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на Бојана Трајковска, добитничка на наградата „Најперспективна жена лидер во технологијата (Emerging Female Tech Leader of the Year) “. Таа споделува искуства, предизвици и размислувања за иднината на технологијата и заедницата.

Што значи ова признание за Вас?

Ова признание за мене е голема чест, но и силен потсетник дека лидерството не се мери само преку личниот успех, туку и преку влијанието што го имаме врз луѓето околу нас.

 

Ваквите признанија се важни и за заедницата, затоа што покажуваат различни приказни и различни патишта до успехот. Важно е да зборуваме не само за резултатите, туку и за трудот, неизвесноста, поддршката и моментите кога не било лесно.

 

Пораката што би сакала да ја испратам, особено до жените во tech, е дека не мора секогаш да се чувствуваме целосно подготвени за да направиме чекор напред. Понекогаш растот започнува токму тогаш кога ќе прифатиме поголема одговорност.

Предизвици и мотивација

Најголемиот предизвик за мене беше да научам како истовремено да бидам силно вклучена во градењето на продуктот и компанијата, а во исто време да носам поголема одговорност за луѓето, структурата и насоката во која се движиме.

 

Во таква улога, предизвикот не е само да се донесат одлуки, туку да се носат одлуки што влијаат на тимот, на клиентите и на долгорочната стабилност на компанијата.

 

Она што ме мотивираше да продолжам беа луѓето околу мене, тимот, нивниот раст, довербата што ја градиме и чувството дека создаваме нешто што има вистинска вредност. Кога гледам дека некој од тимот презема поголема одговорност, станува посигурен и расте заедно со компанијата, тоа ми дава најголема мотивација.

Иновација и придонес

Еден од проектите на кој сум најгорда е Departmentware, продукт-платформа што ја развиваме за институции за спроведување на законот, со фокус на подобра организација на нивните секојдневни оперативни процеси.

 

Она што го прави овој проект посебен е тоа што не е само софтвер, туку систем што им помага на агенциите да работат со повеќе јасност, контрола и доверба. Departmentware поврзува политики, форми, обуки, опрема и евалуации во една платформа, со што се намалува административниот товар и се добива подобар увид во работата.

 

Реалниот ефект е практичен: помалку изгубено време, подобра документација, посилна одговорност и процеси што полесно може да се следат кога е важно. Посебно ми значи што продукт што го градиме од Македонија создава вредност за институции во САД и покажува дека и од тука може да се градат сериозни меѓународни решенија.

Tech Екосистем и заедница

На македонскиот и регионалниот tech екосистем не му недостига талент. Имаме многу способни и амбициозни луѓе. Она што често недостига е појасен систем околу нив: повеќе можности за раст, подобро менторство, јасни кариерни патеки и компании што ги гледаат луѓето како идни лидери, не само како на ресурс за тековен проект.

Талентираните луѓе не се задржуваат само со добра плата, туку со можност да учат, да преземаат одговорност и да работат на нешто што има реална вредност.

Мојата улога ја гледам преку културата што ја градиме во VITECH: со структура, искрена комуникација, менторство и можности луѓето постепено да растат во посериозни улоги. Треба да покажеме дека и од тука може да се гради сериозна кариера, со значајни проекти и високи стандарди.

 

Би додала дека технологијата често ја гледаме преку продукти, иновации и резултати, но зад секој успешен проект стојат луѓе, односи и култура. Според мене, токму тоа е делот што не смееме да го потцениме.

Ако сакаме посилен tech екосистем, треба да градиме компании во кои луѓето не само што работат, туку учат, созреваат и добиваат простор да придонесат со своите идеи. На крај, најголемата вредност не е само во тоа што ќе изградиме, туку и во луѓето што ќе ги изградиме по пат.

Поглед кон иднината

Ако за 5 години погледнам наназад, најгорда би била ако денес донесам одлуки што создаваат долгорочна вредност, а не само брз резултат.

Тоа за мене значи да продолжам да вложувам во луѓето, во јасни кариерни патеки, менторство и култура каде што одговорноста и човечкиот пристап одат заедно.

Најважно ми е да знам дека сме изградиле компанија, продукт и тим што имаат вредност и по 5 години, не само поради резултатите, туку и поради начинот на кој сме стигнале до нив.

Порака до младите: 

Мојот совет до младите кои сè уште го бараат своето место во tech е да не се обесхрабруваат ако патот не им е јасен од почеток. Многу ретко некој веднаш знае точно каде припаѓа. Понекогаш треба да пробаш различни улоги, да згрешиш, да поставиш многу прашања и да си дадеш време да разбереш што навистина те интересира.

Своето место најчесто не се наоѓа одеднаш туку се гради, чекор по чекор.