Become a Member Today. Register Here

Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте ја Кристина Мукаетова

Најперспективна тинејџерка (Aspiring Teen Award)

Кристина Мукаетова

Средношколка, артист, автор и водител на емисијата „Низ град со Кики“

Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на Кристина Мукаетова, добитничка на наградата „Најперспективна тинејџерка (Aspiring Teen Award)”. Иако е средношколка, Кристина веќе инспирира млади луѓе преку својата креативност, општествен ангажман и авторската емисија „Низ град со Кики“, покажувајќи дека возраста не е пречка за позитивно влијание.

Што значи ова признание за Вас?

Самата номинација и можноста да бидам во друштво на реализирани, иновативни и инспиративни жени претставува огромна чест. Уште поголемо задоволство е сознанието дека некој ги препознава и вреднува трудот и посветеноста.

За мене, оваа награда е пред сè дополнителна мотивација да продолжам да творам, да создавам позитивни промени, да инспирирам и да ги поддржувам младите луѓе. Сакам ова признание да биде порака, особено до девојките, дека има место за нас во технологијата, креативноста и лидерството. Не плашете се да бидете гласни со вашите идеи, да учите, да создавате и да сонувате големи соништа.

Предизвици и мотивација

Најголемиот предизвик е да се најде баланс помеѓу училишните обврски, приватниот живот и бројните воншколски активности. Имало денови кога по долги часови снимање учев и пишував домашни задачи во автомобил или за време на паузи на снимање, за следното утро повторно да бидам подготвена за училиште.

 

Она што ме мотивираше да продолжам беше безрезервната поддршка од моето семејство, љубовта кон сценските уметности и чувството дека секој вложен труд носи резултати. Секој успешно реализиран проект и секоја позитивна реакција ми беа потсетник дека вреди да се истрае.

Иновација и придонес

Во 2022 година се најдов во период кога размислував да се повлечам од сите активности и да имам „нормален тинејџерски живот“. Наместо тоа, првите хонорари што ги заработив ги донирав во СОС Детско Село. Денес, наместо уметничко дело, на ѕидот во мојата соба стои плакета за најголем индивидуален донатор за 2022 година, потсетник дека вистинската вредност е во тоа да му помогнеш на некого.

 

Токму тогаш ја донесов и одлуката да го започнам моето авторско ток-шоу „Низ град со Кики“. Преку позитивни приказни и инспиративни соговорници, сакам да ги информирам, мотивирам и охрабрам тинејџерите полесно да се справуваат со секојдневните предизвици, дилеми и стравови.

Tech Екосистем и заедница

Верувам дека на македонскиот tech екосистем најмногу му недостигаат повеќе можности за младите, подобро поврзување помеѓу образованието и бизнис секторот, како и средина што ќе ги охрабрува да експериментираат, да создаваат и да останат тука.

 

Неодамна имав можност да разговарам со средношколци во шест градови низ Македонија и видов колку многу талентирани млади имаат потенцијал, но често немаат доволно менторство, практично искуство или поддршка.

 

Иако планирам да студирам во странство, мојата желба е да се вратам и својата кариера да ја градам во Македонија. Верувам во автентичноста, реалните приказни и решавањето на вистински проблеми – токму така можеме да создадеме

Поглед кон иднината

Ако за пет години погледнам наназад, најгорда би била на одлуката што на само 16 години започнав своја авторска емисија. И денес, повеќе од 55 епизоди подоцна, јас го креирам секој сегмент и секоја секунда од содржината што оди во етер.

Порака до младите: 

Верувајте во себе! Ништо не е невозможно ако вистински го сакате. Нема ништо поубаво од чувството да бидете корисни, за себе, за најблиските и за општеството.

Потребна ни е средина исполнета со поддршка и емпатија, каде ќе учиме од успесите на другите наместо да се оптоваруваме со негативност, завист и токсични коментари. Не постои универзална формула за успех, но трудот, упорноста и добрите намери секогаш оставаат трага.