Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте ја Наташа Велковска
Награда за Креатор на содржини во технологија
(Content Creator in Tech)
Наташа Велковска
Growth & Business Development Director во Represent Communications
Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на Наташа Велковска, добитничка на наградата „Креатор на содржини во технологија (Content Creator in Tech)“. Таа споделува искуства, предизвици и размислувања за иднината на технологијата и заедницата.
Таа е маркетинг стратег, комуникатор и претприемач со богато искуство во градење брендови, содржина и приказни што луѓето ги паметат. Таа верува дека добрата комуникација создава доверба, вредност и препознатливост. Низ својата работа комбинира стратегија, сторителинг, психологија, дигитален маркетинг и многу практично искуство од реалниот бизнис свет. Како активен глас на LinkedIn, Наташа редовно отвора теми за личен бренд, ПР, креативност, лидерство, женско претприемништво и промените што ги носи AI и технолошкиот развој во комуникациите и меѓучовечките односи. Работи како Growth & Business Development Director во Represent Communications, предава на Академијата за дигитален маркетинг на Семос Едукација, дел е од заедници како Global Macedonians и Prime Class и го развива својот бренд Velkovska.mk.
Што значи ова признание за Вас?
Прво ми дојде: „Добро, сега треба да кажам нешто многу мудро?“
Women in Tech признанието за мене лично е потсетник дека турли тавата од знаења, грешки, промени и „ај да пробам и ова“ не била хаос, туку пат. Јас не дојдов во tech по права линија. Средно електротехничко, па економија, па книжевност, па маркетинг, телевизија, претприемништво, дигитал, AI… не баш LinkedIn-perfect CV, ама баш тоа ме направи лесна на адаптација и љубител на промени. А во tech и маркетинг денес, тоа е супермоќ.
Ова признание не го читам како „еве ја, успеа“. Повеќе како: вреди да останеш љубопитна, да учиш кога никој не те тера, да поставуваш прашања и кога не си најпаметната во собата. А пораката до другите жени? Не мора да чекаме некој да ни даде дозвола. Не мора да изгледа патот совршено. Не мора да знаеме сè пред да почнеме. Важно е да влеземе во просторот, да пробаме, да погрешиме, да научиме, пак да пробаме, никако да не се откажеме. И да не се извинуваме што сме амбициозни.
Tech не е клуб со тајна лозинка.
Предизвици и мотивација
Мислам дека најголемиот предизвик ми беше да си дозволам да влезам во tech простор и покрај чувството дека „некој друг повеќе припаѓа таму“. Јас се запишав во електротехничко средно во време кога тоа не беше баш најлогичниот избор за девојче. Клас од 34 ученици, 5 девојчиња. И да, тоа те учи многу рано дека ќе бидеш забележана уште пред да кажеш нешто. Некогаш како куриозитет, некогаш како исклучок, некогаш како „ај да видиме што бараш тука“. А мене едноставно ме интересираше технологија. Имавме стари 486-ки во школо, а кога моите ми купија Pentium, не излегував од дома. Седев пред компјутер до три сабајле, не затоа што некој ми рекол дека тоа е „кариера на иднината“, туку затоа што ми беше фасцинантно што една машина може да ти отвори цел свет. Подоцна не отидов по класичен tech пат. Завршив во маркетинг, медиуми, бизнис, сторителинг. И долго мислев дека сум се оддалечила од технологијата. А всушност, таа цело време беше тука. Во дигиталниот маркетинг. Во платформите. Во data. Во автоматизации. Во AI. Во начинот на кој денес размислуваме за содржина, публика, однесување, доверба.
Што ме мотивираше? Љубопитноста. Она тврдоглаво чувство дека ако нешто не го знам, не значи дека не е за мене. Значи дека треба да седнам и да го научам. Можеби не станав инженерка во класична смисла, ама tech ми остана јазик преку кој учам, работам и се адаптирам. И затоа денес, кога зборуваме за жени во tech, за мене тоа не значи сите да имаме ист пат. Значи да има место и за девојчето од електро што седело на Pentium до три сабајле, и за жената што денес преку технологија им помага на брендовите да раскажат подобри приказни.
Иновација и придонес
Горда сум на работата со луѓе кои влегуваат во дигиталниот маркетинг од нула преку Академијата за дигитален маркетинг. Не е wow како „направив апликација што ќе го смени светот“, ама понекогаш најголемата иновација не е во алатката, туку во начинот на кој некому му го отклучуваш пристапот до знаење.
Кога почнав да предавам зад себе имав кампањи на повеќе пазари на 3 континенти, сфатив дека најголемиот проблем не е што луѓето не сакаат да учат. Проблемот е што често им се сервира теорија без контекст. „Ова е Meta Ads. Ова е funnel. Ова е content calendar.“ Добро, супер. Ама што правиме кога клиентот нема стратегија, буџетот е мал, публиката е уморна, а сите сакаат резултати до петок? Тука се обидов да внесам нешто што мене ми недостасувало кога учев: реалност и пракса. Сѐ што ќе кажам да биде од искуство, дека сум пробала, направила, успеала или згрешила. Да знаат не само како се прави кампања, туку зошто некоја кампања не функционира. Не само како се пишува пост, туку како се гради доверба. Не само кои метрики да ги гледаме, туку кои метрики нè лажат дека сме успешни.
Најголемиот ефект го гледам кога студентите ќе почнат да размислуваат стратешки, не само технички. Кога ќе престанат да прашуваат „во колку часот да објавам?“ и ќе почнат да прашуваат „што сакаме публиката да разбере, почувствува или направи?“ Тоа за мене е реален impact.
Индустријата не ја менуваат само големи кампањи и големи буџети. Ја менуваат луѓе кои влегуваат во неа со подобри прашања, повеќе љубопитност и помалку слепо следење на алгоритамот. Ако сум придонела барем дел од тие луѓе да не бидат само оператори на алатки, туку комуникатори што размислуваат, тогаш тоа е проект на кој сум горда. Особено денес, кога AI може да произведе текст, слика, видео, презентација, анализа човечката вредност е во проценката. Во стратегијата. Во чувството за контекст. И баш таму сакам да дадам придонес: да им помогнам на луѓето да не се плашат од технологијата, ама и да не ѝ се поклонуваат како да е магија.
Tech Екосистем и заедница
Недостигаат две работи: доверба и приказна.
Талент имаме. И тоа многу повеќе отколку што понекогаш сами си признаваме. Ама имаме и систем што често ни праќа порака: „Тука можеш да почнеш, ама ако сакаш да растеш, гледај надвор.“ И тоа е проблем. Платата е важна, да не се лажеме, „работи од страст“ е супер ама сметките не се плаќаат со браво.
Човечки е да сакаме сигурност но и да трагаме по раст, развој, напредок, а не во грло да ни стои чувство дека стагнираме и дека системот ни става сопки. Ни недостига повеќе поврзување меѓу бизнисот, образованието, законодавството и реалната индустрија. Не само панел-дискусии, туку практична соработка: проекти, пракси, менторства, заедници, размена на знаење, стратегии и политики за поддршка за луѓе што се на почеток и за оние што веќе се добри, ама немаат каде да го направат следниот скок.
Мојата улога ја гледам таму каде што најмногу можам да придонесам: во преводот. Да ја преведам технологијата на јазик што луѓето го разбираат. Да ја преведам стратегијата во применлива пракса. Да ги охрабрам младите и професионалците да не бидат само корисници на алатки, туку луѓе што размислуваат критички, комуницираат јасно и градат вредност.
И да се разбереме немам илузија дека ќе го спасам системот со еден LinkedIn пост.
Поглед кон иднината
Кога бев дете или дури и пред 5, 10 или 15 години не ни замислував дека ќе бидам тука кајшто сум сега, и од аспект на кариера и од аспект на лична исолнетост. Искрено, мислам дека никој од нас не размислува за големината и важноста на чекорите што ги прави додека ги прави. Само одиш чекор по чекор, учиш, грешиш, прифаќаш предизвици, некогаш со план, некогаш со „ај да видам што ќе испадне“. И после, кога ќе погледнеш назад, сфаќаш дека сите тие одлуки што тогаш изгледале случајни всушност те донеле баш каде што требало.
За 5 години би сакала повторно да погледнам назад и да си кажам: добро е, остана љубопитна. Не дозволи технологијата да те исплаши, ама ни да те занесе до степен да заборавиш зошто ја користиш. Ако денес треба да изберам чекор на кој ќе бидам горда, тоа е да продолжам да ја користам технологијата за добро, за учење, поврзување, подобри приказни, повеќе можности и помалку страв од иднината.
Порака до младите:
Не мора веднаш да знаете каде припаѓате.
Понекогаш местото не се наоѓа, се создава. Не се споредувајте со луѓе што веќе имаат титули, проекти и самоувереност.
Гледајте што ве држи будни, што ве нервира доволно за да сакате да го поправите и каде можете да бидете корисни. Кариерата не се гради само со големи одлуки. Се гради со мали „ај ќе пробам“ моменти.