Become a Member Today. Register Here

Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте ја проф. Весна Димитрова

Награда за Извонредност во сајбер безбедност
(Cybersecurity Excellence)

проф. Весна Димитрова

Редовен професор на Факулетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ

Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на Весна Димитрова, добитничка на наградата „Извонредност во сајбер безбедност (Cybersecurity Excellence) “. Таа споделува искуства, предизвици и размислувања за иднината на технологијата и заедницата.

 

Весна Димитрова е редовен професор на Факулетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ, каде што раководи со Институтот за Теоретски основи на информатиката и компјутерското инженерство и е координатор на магистерските студии по Безбедност, криптографија и кодирање. Нејзината работа е фокусирана на сајбер безбедност, криптографија и примена на вештачка интелигенција во безбедносни системи, со активно учество во меѓународни проекти, истражувања и конференции од областа на сајбер безбедноста.

Што значи ова признание за Вас?

Ова признание претставува голема чест и потврда дека долгогодишната посветеност во образованието, истражувањето и развојот на сајбер безбедноста има вистинско влијание. Особено ми значи што доаѓа во рамки на Women in Tech иницијатива, бидејќи испраќа порака дека жените имаат значајна улога во технологијата и безбедноста.

 

Се надевам дека ова ќе ги мотивира младите, особено девојките, со самодоверба да влезат и да напредуваат во оваа област.

Предизвици и мотивација

Еден од најголемите предизвици беше да се изгради и развива област како сајбер безбедноста во време кога таа не беше доволно препознаена и застапена. Паралелното балансирање на наставата, истражувањето, проектите и меѓународната соработка бараше многу посветеност и истрајност.

 

Мотивацијата секогаш ја наоѓав во студентите, новите идеи и чувството дека преку знаењето можеме да создадеме побезбедно дигитално општество.

Иновација и придонес

Особено сум горда на развојот и координацијата на меѓународни иницијативи и студиски програми од областа на сајбер безбедноста, како и на проектите кои ги поврзуваат академијата, индустријата и студентите. Меѓу нив би ги издвоила: локален координатор на CyberMACS – Master’s Programme in Applied Cybersecurity (Erasmus Mundus Joint Master Degree), координатор на Cyber-Future (Erasmus+ Blended Intensive Programme) и лидер на групата Human Factors in Wireless Security во рамки на COST Action проектот Behavioral Next Generation in Wireless Networks for Cyber Security (BEiNG-WISE). Преку овие активности, многу млади луѓе добија можност за современо образование, меѓународна соработка и практични искуства во областа. Реалниот ефект се гледа преку генерации студенти кои денес успешно работат и активно придонесуваат во Cybersecurity секторот.

Tech Екосистем и заедница

На македонскиот Tech екосистем му е потребна уште посилна поврзаност помеѓу академијата и индустријата, но и повеќе поддршка за младите таленти да останат и да се развиваат локално.

 

Важно е да се создаваат можности за истражување, пракса, менторство и меѓународна соработка. Мојата улога ја гледам токму во градење такви мостови преку образование, проекти и поддршка на младите професионалци.

Поглед кон иднината

Би била многу горда ако за пет години погледнам наназад и видам дека денешните вложувања во образование, менторство и меѓународни иницијативи создале нова генерација експерти кои активно придонесуваат во сајбер безбедноста. Успехот секогаш има поголемо значење кога се споделува и кога инспирира други луѓе да растат.

 

Би сакала да се заблагодарам на колегите, студентите, соработниците и семејството за поддршката низ годините. Ваквите признанија имаат уште поголема вредност кога се резултат на заедничка работа, соработка и споделена визија за подобра и побезбедна дигитална иднина.

Порака до младите:

Верувајте во себе, бидете истрајни и не престанувајте да учите. Започнете дури и кога нешто изгледа тешко или непознато. Технологијата и сајбер безбедноста се области во кои љубопитноста, упорноста и желбата за учење се подеднакво важни како и талентот.