Women in Tech Macedonia Awards 2026: Запознајте го проф. д-р Владимир Трајковиќ
Техничка извонредност (Technical Excellence)
Проф. д-р Владимир Трајковиќ
Ментор на стартапи | Професор на ФИНКИ
Во рамките на Women in Tech Macedonia Awards, ги славиме луѓето кои со својата работа, визија и посветеност оставаат значаен печат во технолошката индустрија. Преку ова кратко интервју, ви ја претставуваме приказната на проф. д-р Владимир Трајковиќ, добитник на наградата „Техничка извонредност (Technical Excellence)”. Како професор, ментор и поддржувач на стартап екосистемот, тој со години придонесува за развојот на технолошката заедница, образованието и претприемништвото во Македонија.
Што значи ова признание за Вас?
Ова признание го гледам како доказ дека со посветеност и истрајност може да се постигне успех кога постојат јасни правила на игра. Се надевам дека испраќа порака дека резултатите, трудот и интегритетот секогаш треба да бидат поважни од личните интереси и влијанија.
Предизвици и мотивација
Во текот на кариерата неколкупати свесно излегував од својата комфорна зона. Најголемите одлуки беа да се откажам од раководна позиција во голема бизнис корпорација за да преминам во академијата, а подоцна и да се повлечам од (ко)сопственост на бизниси за целосно да се посветам на менторирање. Токму желбата постојано да создавам нова вредност и да им помагам на другите е мојата најголема мотивација.
Иновација и придонес
Тешко е да се издвои само еден проект. Особено сум горд што бев дел од формирањето на ФИНКИ, иницијатива која, според мене, остави значаен импакт врз локалната ИТ сцена. Голем број компании кои ги (ко)основав придонесоа за развојот на македонскиот ИКТ сектор.
Во последниот период, мојот фокус е насочен кон ДИГ-ЕД, со цел да им дадам „ветер во грб“ на едукаторите и да придонесам кон подобрување на образованието. Посебно место имаат и стартапите што ги менторирам – нивниот напредок и успеси се едни од најголемите причини за професионална гордост.
Tech Екосистем и заедница
Македонскиот стартап екосистем сè уште се развива и природно е да се соочува со бројни предизвици. Она што најмногу му недостига се еден или повеќе успешни unicorn стартапи. Таквите приказни би биле силен доказ дека и од Македонија може да се изгради глобален успех и би ги охрабриле младите луѓе да го изберат претприемништвото како свој пат.
Верувам дека тоа време доаѓа и искрено се надевам дека меѓу тие успешни приказни ќе биде и некој од стартапите што денес ги менторирам.
Поглед кон иднината
Ако за пет години погледнам наназад, најгорд би бил на портфолиото од стартапи што сум ги менторирал и на невладините организации што сум ги поддржал. Исто така, cо одлуката да одвојам време и да се видам со секој студент кој побарал совет и поддршка во светот на претприемништвото.
Порака до младите:
Ако не се обидат, никогаш нема да знаат дали можат.
За крај, би сакал повторно да потенцирам дека успехот доаѓа кога постојат јасни правила на игра засновани на резултати, а не на врски и лични интереси. Само така можеме да изградиме подобро општество, да ги задржиме младите таленти и заеднички да создадеме подобра иднина.